„Бојан” е роман за деца и младинци од македонскиот писател Глигор Поповски.
Во романот се опишани доживувањата на детето Бојан за време на неговиот престој во планинската колиба на дедо му Димо. Откако го испратил својот дедо во селото, Бојан останал сам во колибата и морал да се грижи за стоката. Во меѓувреме, тој се спријателил со старецот, дедо Иван; морал да се бори со волците, со големиот снег и со настинката, а успеал да спаси и една повредена срна. По неколку дена, во колибата пристигнале неговите родители кои го нашле веќе исцрпениот Бојан.
Пролетта, во селото дошле двајца учени луѓе од Скопје, а Бојан се пријателил со детето Денко. Еднаш, тие го спасиле девојчето Иринка, кое за малку ќе се удавело. По некое време во селото пристигнало и девојчето Елена. Набргу се случиле немили настани: од удар на гром загинале две овчарчиња, а потоа Бојан морал да се раздели со дедо Иван, кој се разболел и го однесле во градот. Еден ден, Бојан и Денко се искачиле на карпестиот врв Орелска Чука, а Елена му се налутила на Бојан зашто не ја зеле со неа. Поради некои итни работи, учените луѓе морале да се вратат во градот, така што Бојан не стигнал да се поздрави со Елена. Сепак, таа му оставила писменце во кое жалела за лошиот однос кон него. Од жал за неа, Бојан по вторпат, овојпат сам, се искачил на Орелска Чука. Кон крајот на летото, тој добил писмо и фотографија од Елена, а потоа, со тешко срце морал да ја напушти планината и да се врати во градот.
Изданието е изборна лектира за осмо одделение.